Индустријата за убавина постојано не потсетува дека не сме совршени и дека секојдневно треба нешто да менуваме. Со години сме убедени дека апликација на што повеќе препарати за нега на кожа е основа за здрава, убава, сјајна и негувана кожа. Убевдени сме во принципот “повеќе е повеќе” и се придржуваме на рутини со 7 или дури 12 чекори во едно дено- ноќие. Пробуваме да научиме и да разбереме што сите тие брдо од активни компоненти придонесуваат и прават за нашата кожа. Очекуваме дека ќе имаме здрава и сјајна кожа, со помалку брчки кога е во прашање нега за лице, а завршуваме со уморна, збрчкана кожа која бара ласери и филери. Наместо освежување и нега, нашата кожа влетува во еден зачаран круг, од кој мислиме дека излезот е во што повеќе и повеќе козметички производи.
Зошто е тоа така? Што се случува со кожата?
Научните истражувања покажуваат дека една рутина од 7 чекори содржи околу 112 различни хемиски соединенија и над 20тина активни компоненти. Нанесувајќи голем број на разни активни компоненти често пати доаѓа до преголема стимулација на кожата и трошење на нејзините сопствени ресурси. Покренатите реакции често се спротивни една на друга, премногу внесени хемикалии покренуваат реакција на отсранување и исфрлање на страните материи од кожата, со што доаѓа до прекумерна загуба на вода и нејзина дехидратација, се нарушува хидро-липидниот баланс, опаѓа имуниот систем на кожата, не ретко се појавува воспаление кое ние го класифицираме какао чувствителна кожа.
Вообичаено нашата рутина започнува со агресивни отстранувачи на нечистотии кои ја дехидрираат кожата. Често користење на ексфолијанти или препарати кои во себе содржат активни компоненти со кератолитички ефект служат да го отстранат површинскиот мртов слој на кожата. Кожата останува без својата бариерна заштита, како и заштита од дехидратација (губење на вода). Изумрените клетки се нормален дел од кожата (Stratum corneum) и се одговорни за чување на водата во кожата, како и заштита од патогени микроорганизми и страни материи. Секојдневно агресивно отсранување на истите ја оставаат кожата без својот заштитен слој и ја нарушуваат нејзината хидролипидна бариера. Понатамошно нанесување на серуми и креми со разни активни компоненти доведува до продирање на активните компоненти во длабочината на кожата, таму каде што не припаѓаат и можат да доведат дури до воспаление, често и до мелазма. Дехидрираната кожа се брани со зголемено лачење на себум и создавање на масна Т зона, порите се прошируваат, се запушуваат и се создаваат црнки (митисери). Во рутината мораме да додадеме разни тоници, креми, серуми за да ги решиме црнките и порите, па пробуваме да ја хидрираме кожата, правиме хемиски или механички пилинг и така во круг користејќи се повеќе и повеќе препарати. Во секоја рутина тргаме со цел да добиеме освежена кожа со изедначен тен, без флеки и брчки. А крајниот резултат е уморна, оптеретена, воспалена кожа со повеќе брчки.
Од економска страна сме оптеретени, полиците се полни со секаква хемија на која и поминува рокот, се фрлаат стотици пластични кутии, па несамо што страда нашиот џеб и нашата кожа; страда и природата.
Има ли решение?
Да! Решението е во враќање на хидролипидниот баланс на кожата по принциот less is more или помалку е повеќе – СКИНИМАЛИЗАМ!
Што се подразбира под терминот скинимализам? Тоа е минималистички пристап во нега на кожата со помалку високо ефикасни козметички производи и помалку активни компоненти во нив кои ќе делуваат по принципот на синергија.
Едноставно, како што на било која клетка од нашиот организам и требааат хранливи материи за да нормално ја извршува својата функција, така и на кожната клетка и треба исхрана. Решението е во мал број природни препарати за нега кои на клетката ќе и ги дадат неопходните хранливи материи. Така кожата со тек на време се враќа во баланс и почнува да си ги извршува своите нормални функции за што е предодредена.
Затоа одберете производи кои содржат што повеќе природни компоненти во себе. Едуцирајте се за составот на козметиката која ја користите. Долгите текстови на декларациите не значат и добар производ.
Идеална крема за лце би била високо хидрантна хранлива крема со природна УВ заштита и над 90% суровини од природно потекло. Ако има избалансиран состав кој ја поддржува природната функција на кожата може да ја обнови нарушената хидролипидна бариера и да го врати здравиот изглед на вашата кожа. Таква крема може да се аплицира на цело лице вклучувајќи ја и очната регија, наутро и навечер, при тоа заменувајќи ви неколку препарати кои ги користите во различен дел од денот. Запомнете на вашата кожа не и е важно колку е часот. Со една ваква минималистичка рутина можете да се изненадите како за брзо време вашата кожа се трансформира, чувствителноста исчезнува, тенот се изедначува, сјајот повторно се воспоставува.
Скинимализмот не е само бројка
Со премина на минималистичка рутина добивате здрава кожа, но тоа не е се. Во вашата бања нема повеќе преполни полици со секакви препарати за нега на кои им поминува рокот, произведувате помалку отпад, учите да купувате помалку производи, но високо квалитетни, ефикасни и повеќе наменски.
Со тек на време прифаќате дека некоја видлива пора, фина линија, флекичка, лузна, се нормален дел од кожата, нормален дел од вашата автентична убавина.
Целта не е да имаме совршена кожа, целта е да имаме здрава кожа.





0 Comments